Во изминатата година по одржувањето на последниот Самит на НАТО во Стразбур-Кел април 2009 година, сведоци бевме на една интензивна глобална безбедносна дебата за Новиот Стратешки Концепт на НАТО. На Самитот, Алијансата формираше работна група на експерти или т.н. група на мудреци (Group of Wise Men) предводена од поранешниот американски државен секретар Медлин Олбрајт која доби задача да организира глобална јавна дебата за иднината на Алијансата и да поднесе извештај со своите видувања за бројните политички и безбедносни аспекти коишто го засегаат НАТО во предизвиците на новото време. Дебатата за Стратешкиот концепт е една од најтранспарентните дебати водени за некој процес во последниве години, дебата во која беа вклучени земјите членки на НАТО, партнерите, политичарите, воените штабови, експертите, граѓанското општество, најразлични тинк-тенк организации, медиумите, и секој обичен граѓанин, особено благодарение на отвореноста на Алијансата, посебно преку интернетот и социјалните мрежи за комуникација.