Skip Navigation LinksCSL home > Library > Document

НАТО КОНКУРС ЗА ЕСЕЈ: МАКЕДОНИЈА И НАТО ВО 2020

w

НАТО конкурс за есеј: Македонија и НАТО во 2020

16 страни, пдф
 Download Back

 

НАТО конкурс за есеј: Македонија и НАТО во 2020

Издавач: Евро - Атлантски Совет на Македонија

Обем: 16 страни, пдф

Опис: 

Дали некогаш би можеле да си го претставите сопственото постоење во облик на птица-младунче, кое штотуку започнало да ги учи техниките на летање за да завладее со пространствата на животот? Дали можете да замислите како подоцна, Вашите крилја се отсекуваат и сте соочени со неможноста да го продолжите своето егзистирање, во свет каде останатите максимално го издигнуваат и величат нивното? А сега, дали сте способни да го пронајдете серумот против револтот и болката, кога ќе согледате дека овие имагинарни и метафорични состојби се всушност, реалноста во која живее целовкупното македонско општество на евроатланското политичко тло? Лек, кој за жал, ја претставува и самата рана која н беше нанесена уште пред седум години на Букурешкиот Самит на НАТО, на 3 април 2008 година. Блокадата за отпочнување на членството во најголемата светска воено-политичка алијанса за колективна безбедност што и се наметна на Република Македонија, е основниот пресекувач на крилјата на оваа ‘‘птица‘‘. Така оневозможена да ги рефлектира суштинската убавина и потенцијал кои ги поседува, се чини дека македонската ‘‘птица‘‘ и нејзиниот ‘‘лет‘‘ кон височините на европските и евроатлантските структури ќе се задржи единствено на ниво на апстрактна цел, лишена од секаква реализација. Но, дали досегашните сведоштва на членките на Северно-Атлантското ‘‘јато‘‘ за врвните ‘‘летови‘‘ на Република Македонија во демократската, економската, безбедносната и политичката сфера, ќе придонесат ‘‘крилјата‘‘ на нашата држава да и бидат вратени од оние кои успеаја да ги ги пресечат пред седум години? И колкави ќе бидат нашите достигнувања при употреба на истите, на евроатлантското небо?

Тргнувајќи од кардиналното значење на Северно-Атлантската Алијанса како најголема безбедносна организација која се залага за заштита на слободата, територијалниот интегритет и општествените вредности на своите земји-членки, разбирлива е тенденцијата на нашата држава да го насочи нејзиниот сеопшт прогрес кон добивање на членство во истата. Со стекнување на статусот како земја-членка на Алијансата, Република Македонија недвосмислено ќе претставува земја која поседува видлив кредибилитет, цврст вредносен систем, висока безбедност и сигурност кои заедно со поволната економска клима ќе бидат вистинска мета на интерес за странските инвеститори. Нашите напори за реализирање на оваа цел и визија се евидентни, и датираат уште од 1995 година, кога на 15 ноември нашата држава пристапува кон програмата ,,Партнерство за мир‘‘ (ПзМ) и воедно се приклучува на Северноатланскиот совет за соработка. Оттогаш па наваму, приврзаноста и посветеноста на култивирање на идеалите и интересите на Алијансата, Република Македонија ги демонстрираше преку учество во многубројни проекти како што се: вклучувањето во Процесот за планирање и анализа (ПАРП), асистенција дадена за поддршка на бегалците од Косовската војна (март/јуни 1999 година), извршување на мултинационалната командно-штабна вежба ,,Спасител ‘96”, финалниот практичен дел на вежбата ,,Спасител ‘97”, како и најзначајната од овој вид – вежбата ,,Најдобар кооперативен зафат ’98”. Во обемната архива на поддржувачки активности, есенцијалниот потег што го направи нашата држава е учеството со воен персонал во Меѓународните сили на НАТО во Авганистан во 2002 година. Дванаесет години континуиран труд и посветеност даваа преку 2700 офицери, подофицери и војници на Армијата на Република Македонија, а оваа бројката во последните години од нивното делување продолжи да расте до фрапантното ниво од 4% од активниот воен персонал со кој располагаме! Ваквите неверојатни податоци претставуваат и повеќе од цврсти аргументи за залагањата на Република Македонија за обезбедување траен мир и стабилност, како основен постулат на Северно-Атлантската идеологија.